Справување со кризи и поставеност на заштитата и спасувањето

Печати
PDF

ЗАКЛУЧОЦИ И ПРЕПОРАКИ
o
д Трибината организирана од Здружението на дипломирани студенти од Република Македонија на Европскиот центар за безбедносни студии ,,Џорџ К.Маршал на тема ,,Справување со кризи и поставеност на заштитата и спасувањето одржана на 05.05.2009 година во Скопје.

Врз основа на планот и програмата за работа во 2009 година, Здружението на дипломирани студенти од Република Македонија на Европскиот центар за безбедносни студии ,,Џорџ К.Маршал” во домот на АРМ во Скопје реализира трибина на тема ,,Справување со кризи и поставеност на заштитата и спасувањето

На трибината присуствуваа и учествуваа бројни претставници од  владините институции, невладиниот сектор, медиумите како и членови на Здружението. Трибината ја отвори проф. д-р Стојан Кузев, досегашен престедател на Здружението.  Поздравно обраќање на трибината  имаа проф. д-р Џон Кларк, директор на Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ К. Маршал“, проф. д-р. Панде Лазревски, директор на Центарот за управување со кризи и г-дин Шабан Салиу, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.

За работниот дел од трибината модератор беше доц. д-р Менде Солунчевски, асоцијативен член на Здружението. Во работниот дел од трибината презентации имаа: проф. д-р. Панде Лазревски, директор на Центарот за управување со кризи, на тема  ,,Национална платформа за намалување на ризици од непогоди и катастрофи на Република Македонија”, г-дин Влатко Јовановски, советник во одделението за меѓународна соработка во Дирекцијата за заштита и спасување, на тема: ,,Организациско функционална поставеност на Дирекцијата за заштита и спасување во системот за заштита и спасување во Република Македонија” и г-дин Рагнер Бое, заменик на раководителот на Евроатланскиот координативен центар за одговор во кризи (EADRCC), на тема: ,,НАТО цивилно планирање на вонредни ситуации-организирање на кризен менаџмент”.

Целта на трибината беше согледување и анализа на механизмите  за справување со кризи настанати  од природни непогоди и други несреќи во Eвроатланските структури и на национално ниво во Република Македонија. Во таа смисла беше презентирана реална слика на актуелната состојба во справување со кризи настанати од природни непогоди и други несреќи со позитивни и негативни карактеристики и визија за надминување на слабостите.

Проф. д-р. Панде Лазревски, директор на Центарот за управување со кризи  присутните ги запозна со настанувањето и развојот на системот за управување со кризи во Република Македонија и правната рамка во која истиот се развива. Според проф. д-р. Панде Лазревски, Центарот за управување со кризи треба да биде координатор на активностите на сите субјекти вклучени во системот за управување со кризи. Oснова за ефективна и ефикасна превенција и справување со кризи во Републиката нуди Националната платформа за намалување на ризици од непогоди и катастрофи. Националната платформа треба да биде механизам за координација на активностите за вклучување на принципите за намалување на ризици во политиките, плановите и програмите за развој, во согласност со препораките на рамката за акција од Хјого. Платформата е насочена  кон развивање на одржлив национален систем за намалувње на ризици од непогоди и катастрофи, кој соодветствува со потребите на земјата. Со ефективно и ефикасно искористување на расположливите ресурси и капацитети, на локално, регионално и национално  ниво треба да обезбеди интегриран, ефикасен и ефективен пристап кон намалувањето на ризиците и последиците од непогоди и катастрофи преку превенција, рано предупредување, справување и намалување на закани од катастрофи. Националната платформа разработува 21 посебни ризици. Ефективно и ефикасно справување со истите предвидува процес на вмрежување преку користење  на мрежите на националните лаборатории, на академската заедница, невладиниот сектор, бизнис секторот, верските заедници итн.

Г-дин Влатко Јовановски, советник во Дирекцијата за заштита и спасување, присутните ги запозна со настанувањето и развојот на Дирекцијата и системот за заштита и спасување во Република Македонија. Системот за заштита и спасување се организира за откривање и спречување на настанување  и отстранување на последиците  од природни непогоди и други несреќи во мир и во војна и од воени дејства со кои се загрозуваат населението и материјалните добра.  Дирекцијата за заштита и спасување е самостоен орган на државната управа, формиран заради извршување на работите за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи. Формирана е 2005 година со трансформацијата на Министерството за одбрана-Секторот за цивилна заштита. Има надлежности во превенција, ублажување на последиците, оперативно дејствување и реконструкција. Како одговорен орган во областа на заштитата и спасувањето таа е и координатор на активностите на сите субјекти кои учествуваат во системот за заштита и спасување и партиципиент во системот за управување со кризи. Практичните искуства за овој краток период (пожарите на отворен простор 2007 година)  покажаа дека за ефективно и ефикасно функционирање на Дирекцијата за заштита и спасување неопходни се корекции во позитивната норматива заради преклопување на надлежности со останатите партиципиенти во системот за заштита и спасување и системот за управување со кризи, трансформација на силите за заштита и спасување, опремување со софистицирани опрема и материјално технички средства и континуиран развој на човечките ресурси преку обука и  вежбовни активности.

Г-дин Рагнер Бое, заменик на раководителот на Евроатланскиот координативен центар за одговор во кризи, присутните ги запозна со  моделот на организирање на кризен менаџмент во НАТО структурите, учесниците за цивилно планирање на вонредни ситуации и нивните улоги.  Со стратегискиот концепт усвоен во 1999 година се идентификувани фундаменталните безбедносни цели и задачи  врз основа на кои се разработени ефективни процедури  на консултации на учесниците во планирање, подготвување и управување со кризните ситуации. Според овој концепт одговорни  субјекти се: Високиот планирачки комитет за планирање на вонредни ситуации (SCEPC), Евроатлански координативен центар за одговор во кризи (EADRCC), персоналот за цивилно планирање на вонредни ситуации, планирачките тела и комитети и меѓународни цивилни експерти.

Од страна на одговорните субјекти се разработени  процедури за учество на цивилната и воената компонента на НАТО, меѓународни организации и институции и невладини организации во системот за управување со кризи.  Во концептот е предвидено давање подршка на  државите за заштита и спасување на населението од оружје за масовно уништување, природни катастрофи, терористички напади и други несреќи, преку обезбедување и развој на ресурси и совети за достапност  и ефикасно користење на ресурсите. Евроатланскиот координативен центар за одговор во кризи (EADRCC), дејствува како фокусна точка за размена на податоци  за катастрофи и ги координира напорите на националните, регионалните и меѓународните актери во справување со настанатите кризи од природни непогоди и други несреќи.

Сериозноста и актуелноста на оваа проблематика предизвика интензивна дискусија особено за дообјаснување на процедурите за редоследот на ангажирање на субјектите во справување со кризи и недореченостите  во нормативата кои доведуваат до преклопување на надлежностите помеѓу субјектите во системот за заштита и спасување и управување со кризи.

Врз основа на презентациите, бројните коментари и дискусии на трибината за ефективно и ефикасно справување со кризи од природни непогоди и други несреќи се предлагаат следните заклучоци и препораки:

Прво, во рамките на Евроатланските структури разработен е концепт на кризен менаџмент. Во рамките на овој концепт разработени се комплексни и ефикасни процедури за превенција и справување со кризи од природни непогоди и други несреќи. Искуствата покажуваат дека за успешен кризниот менаџмент потребо е учество на бројни актери како од владиниот така и од невладиниот сектор кои создаваат услови и ги ангажираат расположивите ресурси за ефективно и ефикасно справување со кризите на национално и меѓународно ниво.

Второ, Република Македонија гради систем за управување со кризи и систем за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи. Партиципиенти во системите за заштита и спасување и управување со кризи се: органите на државна власт, јавни претпријатија установии служби, бизнис секторот, невладиниот сектор, граѓаните итн. Одговорни субјекти за координирање на активностите на учесниците во системите за заштита и спасување и управување со кризи се Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Практичното искуство во кратката историја на на постоење (од 2005 година) детектира низа слабости меѓу кои:

  • преклопување на надлежности меѓу одговорните субјекти;
  • нецелосно разработени оперативни процедури за ефективно и ефикасно ангажирање на ресурсите во справување со кризи настанати од природни непогоди и други несреќи;
  • нецелосно разработени оперативни процедури за ефективно и ефикасно примање и давање помош од и на други држави преку меѓународни институции, особено институциите во рамките на Евроатланските структури;
  • недоволна обученост и извежбаност на човечките ресурси за справување со кризи од природни непогоди и други несреќи;
  • минимална опременост на субјектите со софистицирана и соодветна опрема за справување со кризи од природни непогоди и други несреќи и
  • непостоење на единствена процена на ризиците и опасностите по безбедноста на Република Македонија.

Трето, за надминување на детектираните слабости, според искажаните ставови на Трибината, неопходно е да се превземата следните активности:

  • промени во позитивната норматива, особено во основните документи заради отстранување на преклопување на надлежности;
  • развивање на Националната платформа за намалување на ризици од непогоди и катастрофи во ефективен и ефикасен  механизам за координација на активностите за намалување на ризици од непогоди и катастрофи, кој ќе соодветствува со потребите на земјата и ќе овозможи развивање на стандардни оперативни процедури за ангажирање на учесниците и нивните расположиви  ресурси во справување со кризи;
  • интензивирање на обуката, вежбовни активности и опремување на силите со соодветна опрема и
  • изготвување и редовно ажурирање на единствена процена на ризиците и опасностите по безбедноста на Република Македонија.

Оттука, Здружението ја искажува својата подготвенст и понатаму да се ангажира во активностите на државните органи за остварување на ефикасен кризен менаџмент во Република Македонија. Во таа смисла Здружението ги става на располагање своите интелектуални капацитети во делот на создавање и доработка на нормативните акти и обука на човечките ресурси. Сметаме дека Здружението на дипломирани студенти од Република Македонија на Европскиот центар за безбедносни студии ,,Џорџ К.Маршал”-Скопје, уште еднаш покажа дека е значаен субјект во невладиниот сектор, кој поседува сопствена стручна експертиза, меѓутоа, исто така, што може да се потпре и на експертите на Маршал Центарот од Гармишпартенкирхен (Германија). И понатаму, Здружението ќе остане посветено на проучување на проблематиката во областа на безбедноста, одбраната и заштитата и со своите интелектуални капацитети ќе се наметнува како партнер на власта секогаш подготвен да даде свој придонес, во овој случај преку организираната трибина и донесените заклучоци и препораки, за ефективно и ефикасно справување на Републиката со кризи настанати од природни непогоди и други несреќи.

Скопје, 05.05.2009 година

ЗДРУЖЕНИЕ НА ДИПЛОМИРАНИ СТУДЕНТИ
ОД РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА НА
ЕВРОПСКИОТ ЦЕНТАР ЗА БЕЗБЕДНОСНИ СТУДИИ
„ЏОРЏ К.МАРШАЛ” –С К О П Ј Е

ПРЕТСЕДАТЕЛ

Доц.д-р Стојан Славески

            
Article for MC-Macedonia forum                     Publication by MC-Macedonia
                              Columns in Daily Newspapers

Има 2 гости присутни

Anketa

Дали за вас е прифатливо членството на РМ во НАТО под име различно од уставното?